Бујар, со тие куршуми не! – Пишува Роберт Димитриевски

Наместо да им помогне на македонските камионџии на кои им ги запленија возилата во Украина, Бујар Османи пробува да продава лажна албанофобија во Македонија.

Наместо да ѝ укаже на украинската амбасадорка дека Македонија не им е непријател, како што го викна рускиот амбасадор на „пеење“, министерот за надворешни работи се фатил за – Бесмира Ејупи.

Наместо да ги реафирмира ставот на државниот врв и собраниската декларација за воената интервенција на Русија во Украина, шефот на дипломатијата бара национализам во бурните реакции за несудената конзулка во Њујорк.

Наместо да бара итно враќање на двата камиона на валандовска фирма вредни 200 илјади евра, па макар и без јаболката наменети за Русија, лекарот на привремена работа во МНР пробува да лечи нечии фрустрации. Па прашува дали одиумот во македонската јавност за ТВ-презентерката, за која тврди дека не ја познава и никогаш не ја сретнал во животот, „е затоа што таа е жена, затоа што е млада или затоа што е Албанка?“.

Цццццццц! Ептен дипломатска порака од првиот дипломат. И тоа, о каква ли случајност, Албанец. Човекот кому очигледно не му пречеше националната припадност за да биде и министер за здравство, и вицепремиер за евроинтеграции, се загрижил да не случајно отпорот некој(а) да замине на висока функција во странство е само поради тоа што е од неговиот етнос?! И тоа во ситуација кога претседателот на Собранието, првиот вицепремиер и „пола“ Влада, амбасадори и конзули се Албанци!

Не, бе, другар Бујар. Никому не му пречи дали мачката е бела или црна ако лови глувци. Обратно, на даночните обврзници, вклучувајќи ги и граѓаните од албанско етничко потекло, и тоа како им пречи поставувањето погрешни луѓе на вистински места. А повистинско од конзул во најголемиот град на светска суперсила – само амбасадор.

На сите што во оваа земја одвај врзуваат крај со крај и буквално одвојуваат од устите на своите најблиски за да ги подмират давачките кон државата, па од тоа што ќе им остане (ако им остане) да скрпат некаква живејачка „до први“, преку глава им е од скапо платени канцелариски глувци. Од несоодветни кадри што ДУИ немилосрдно ги вдомува на државни јасли веќе над две децении откога униформите на УЧК ги заменија со одела и вратоврски.

На „граџанството“, што би рекол првиот пик за амбасадор во ОН откако не го насадија во САД, мала утеха му е што одговорноста за тоа не ја носат само интегративците, туку и нивните коалиционери сите овие години во кои не им се мешаа во кадровските решенија. Напротив, дури и ги казнуваа тие што ќе посочеа за неадекватниот профил на „рамковните“, како во случајот со разрешениот директор на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, обвинет за „пркос“ од експремиерот Зоран Заев.

Оттаму, Османи пука во празно со невештиот обид по кој знае кој пат да се одигра на картата на некаква обесправеност. И тоа при натфрлена правична застапеност во многу институции на државно и на локално ниво, проширена и надградена со двојазичност на целата територија на државата.

На гротескните алузии за божемно албанофобство, наспроти тони докази за спротивното, не им е место, уште помалку време, среде воениот виор во Украина и посочувањето на Западен Балкан како можна следна дестинација за дестабилизација. Во сложена безбедносна ситуација како сегашната, најмалку што ѝ е потребно на Македонија е (не)свесно поттикнување меѓуетничка нетрпеливост со запалливи изјави, макар и во прашална форма.

Затоа, Бујар, со тие куршуми не!