Предпоследниот македонски амбасадор во седиштето на НАТО во Брисел анализира што ќе значи именувањето на министерот за надворешни работи Бујар Османи за локален координатор на ДУИ во Чаир.
Амбасадорот Зоран Дабиќ во реакција со наслов ,,ОСМАНИ: ОД ВАНКУВЕР ДО ВЛАДИВОСТОК ИЛИ ОД ЈАЈА ПАША ДО БУТЕЛ” јавно признава дека со загриженост ја примил веста за партиското задолжение на министерот Бујар Османи политички да го координира огранокот на ДУИ во Чаир.
,,Кога неодамна Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) го опомена Османи за учество во партиски активности во работно време, заедно сосе службено возило и возач, Османи се бранеше дека „како и секој вработен“ имал право на одмор во „слободно време“, одн. работна пауза. Во недостаток на слободно време човекот веројатно ревносно си ги користел паузите за партиски ангажман, особено во период на кампањи.
За волја на вистината, согласно Етичкиот кодекс ние вработените немаме право на партиски активности во работно време, но елем… По неговата реакција, сега се поставува стравувањето како Бујар ќе успее да најде дополнително слободно време за политичко координирање односно дисциплинирање на огранокот на ДУИ во Чаир? Дали можеби во доцните вечерни часови или за време на ретките викенди кога не е на службено патување? Не гледам други опции”, пишува Дабиќ кој забележува дека ова сценарио не е лесно за изведба.
,,Тука има еден проблем. На г-нот Османи покрај министерувањето, ни крив ни должен, пред два месеца му западна и улога на Претседавач со ОБСЕ во 2023 година. Според моето лично искуство во Виена, оваа функција бара повеќе од „цел човек“. Како активен дипломат и познавач на проблематиката, длабоко сум загрижен колку квалитетно Османи, покрај важниот партиско волонтерски ангажман доверен лично од неговиот партиски шеф Ахмети, ќе биде во состојба да одговори на двете негови примарни должности и како ќе ги извршува задачите за кои е именуван и платен. Се разбира од народни пари, како тоа денеска е обичај да се кажува.
Ќе видиме каде Османи со успех ќе се бори за мир и решавање на напластените проблеми, а каде ќе „шмира“, речено со глумечки жаргон – на Булеварот Филип Втори Македонски бр. 7 (МНР), во регионот од Ванкувер до Владивосток (ОБСЕ) или пак на стратешкиот потег од Јаја Паша до Бутел, попрецизно во Чаир (ДУИ).
Овој триаголник на надлежности ќе ги стави на сериозен тест неговите миротворни капацитети за тнр. „повеќеслојно работење “ (multitasking), а постигнатите резултати во значителна мерка ќе ја детерминираат неговата натамошна кариера. За тоа е веројатно свесен. Ние во МНР само се надеваме дека Османи сепак ќе собере сили и дека нема да не запостави нас дипломатите, дипломатската служба и претседавањето со ОБСЕ поради важниот партиски ангажман во Чаир”, пишува амбасадорот Зоран Дабиќ,
Поранешен Шеф на Мисија на Република Македонија при ОБСЕ и ООН во Виена.