Бугарското вето за Македонија воопшто не е тема во Германија, вели ексдописник на ДПА

Томас Бреј, поранешен шеф на белградското дописништво за југоисточна Европа на германската новинска агенција ДПА, вели дека, наспроти раширеното уверување на Балканот, светот не се врти околу регионот и тој не е главна тема ни во Германија, а како пример ја наведува бугарската блокада за евроинтеграцијата на Македонија.

„Овие денови, на пример, во Брисел е донесена прелиминарна одлука дека преговорите за придружување на Албанија и на Македонија нема да бидат отворени оваа година поради блокадата од Бугарија. Тоа, се разбира, беше голема работа во регионот. За тоа во Германија, освен кратка вест тој ден, нема ништо повеќе. Тоа воопшто не е тема“, објаснува Бреј во интервју за „Дојче веле“.

Според него, политичарите што ги водат главно малите држави од регионот го поддржуваат тој центризам, претставувајќи се себеси дека комуницираат рамноправно со светските великани, а тука се и националните митови.

„Само да го споменеме моментниот спор меѓу Бугарија и Македонија околу тоа чиј е херојот Гоце Делчев. Или да го земеме повеќедеценискиот спор меѓу Грција и Македонија околу прашањето кој може да полага права на Александар Велики. А во Грција постојано се истакнува дека што сè сториле античките Грци за демократијата во Европа и притоа упорно се тврди дека меѓу луѓето како Перикле од 5. век пред новата ера и денешните Грци – постои директна врска. А тоа дека таа земја била 400 години под Османското царство и оти Албанците го населиле Пелопонез, потполно се игнорира. За жал, такви примери има отповеќе“, додава Бреј.