Министерството за надворешни работи на Бугарија излезе со остра осуда и побара итно откривање и казнување на виновниците за скршеното стакло на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, наоѓајќи ја причината во „омразата кон Бугарите во Македонија“?!

„Ова е втор напад врз оваа организација за помалку од два месеца и уште еден престап од омраза кон Бугарите во Северна Македонија. Ваквите акции конкретно и намерно ги попречуваат напорите за зајакнување на пријателството, добрососедството и соработката во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија.

Она што се случува треба да се разгледа во контекст на обидот за палење на клубот ‘Иван Михајлов’ во Битола и хероизацијата на неговиот сторител; повиците за откажување од Договорот за добрососедство со Бугарија; на ескалирачкиот говор на омраза во медиумскиот простор и социјалните мрежи во Северна Македонија; месеци агресивна јавна кампања против бугарските културни клубови; на законски измени кои ја загрозуваат слободата на здружување на Бугарите во соседната земја.

Имињата на бугарските клубови не се причина за оваа кампања. Значајно е што лидерот на најголемата опозициска партија веќе отворено повикува за итно затворање на сите бугарски клубови, без разлика како се нарекуваат. Очигледно е дека во Северна Македонија сè уште постои проблем со слободното изразување на бугарскиот идентитет“, се вели во реакцијата на МНР на Бугарија.

„Реакцијата на властите за овој и за другите случаи на престапи од омраза ќе биде показател за сериозноста што Владата во Скопје ја придава на градењето добрососедски односи и на процесот на пристапување во ЕУ“, се додава во соопштението.