Бугарското МНР разочарано од Резолуцијата за македонските „црвени линии“

Министерството за надворешни работи е разочарано од Резолуцијата на Собранието на Република Македонија усвоена вчера со која се утврдуваат „црвените линии“ за преговорите со Софија.

Во соопштението што го пренесуват бугарски медиуми, Министерството за надворешни работи „со жалење забележува дека овој чин доаѓа во време кога билатералниот дијалог меѓу Софија и Скопје почна да влегува во позитивна и ветувачка фаза како резултат на многу напори“.

Бугарија со нетрпение очекувала да биде објавена резолуцијата со цел внимателно да се анализира нејзината содржина во однос на нејзината компатибилност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан и ратификуван од Собранието на Република с. Македонија во 2017 година, како и за потенцијалното влијание на овој документ на досегашниот дијалог, јавува Њуз.бг.

Собранието на Република Македонија вчера ја изгласа декларацијата предложена од ВМРО-ДПМНЕ, која инсистира „преговорите да се водат на еднаква и принципиелна основа, со задолжително почитување на меѓународното право, без никакви услови од двете страни и со почитување на достоинството на македонскиот народ“.

Се истакнува „автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен и верски континуитет“, постоењето на македонскиот јазик со неговите дијалекти и територијален и временски континуитет, како и македонскиот идентитет, кој „својот легитимитет го црпи од вековните традиции, обичаите, колективната меморија, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурната уникатност, колективен континуитет, почитување на традиционалните верски институции и наративот за припадност на одредена географска и историска територија“.

Денес, бугарското Министерство за надворешни работи предупреди дека за Бугарија би било целосно неприфатливо да се мотивира или да се оправда непочитување на Договорот за соседство и соработка од 2017 година.