Претседателот Љупчо Георгиевски и секретарот Благој Шаторов на затворениот бугарски културен центар „Иван Михајлов“ во Битола добија државјанство на Бугарија на свечена церемонија во Софија, на која им ги врачи шефот на бугарската држава Румен Радев.

„За мене е привилегија да ги удостојам со бугарски лични документи двајца наши сонародници, чија патриотска активност и храброст ја потсетија цела Бугарија дека ‘железниот светилник’ на бугарскиот патриотизам никогаш не згасна во соседна Република Северна Македонија. Дека илјадагодишната бугарска култура и нашето историско наследство во Македонија се неизбришливи и ќе продолжат да ги будат умовите и срцата на Бугарите“, рече Радев пред присутните.

Како и секретарот на исто така затворениот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, кој неодамна стана бугарски државјанин, а присуствуваше и на церемонијата, и Радев спомна „стрелање“ Бугари во Македонија?!

„Не само Бугарија, туку целиот наш регион ќе добие ако процесите на демократизација кај нашиот сосед станат неповратни и ако никој не прогонува, малтретира, суди и стрела некого само затоа што е Бугарин“, додаде тој.