Бугарските Евреи го бојкотирале претседателот Радев кој го славел Цар Борис Трети

Бугарските Евреи го бојкотирале претседателот Радев кој го славел Цар Борис 3 како позитивна личност која ги спасила Евреите на територијата на Бугарија јавува израелскиот весник Jerusalem Post.

Бугарските Евреи не учествувале на церемонијата кој одбележува 80 години од спасувањето на бугарските Евреи затоа што не се согласуваат дека Царот Борис е спасител односно сметаат дека е одговорен за холокаустот на македонските Евреи и тие од Тракија и Источна Србија.

Лидерите на Еврејската заедница во Бугарија биле поканети на настанот само десетина часа пред настанот на кој се слави Цар Борис но претседателот на организацијата Шалом Александер Оскар вели дека и да биле поканети порано никој Евреин од Бугарија немало да отиде на прослава на лажната улога на царот која претставува извртена историја на холокаустот.

Оваа изјава укажува на судирот во бугарското општество околу улогата на Царот Борис кој ја запрел депортацијата на Евреите во Бугарија но бил лидер на фашистичка влада која како сојузник на нацистичка Германија вовела расни закони за своите Евреи и помогнала во убиството на над 11000 Евреи на окупираните територии, пишува весникот.

Радев се поклонил пред споменикот на Цар Борис кој е тргнат од Ерусалим во 2000 година по поплаките на бугарските Евреи кои не сакаат да се слави царот кој има вина за смртта на огромен број Евреи во холокаустот.

Пред втората светска војна во Бугарија живееле 50 илјади Евреи а сега нивниот број е меѓу 2 и 6 илјади луѓе пишува Ерусалим Пост.