Бугарскиот вицепремиер категоричен – ветото за Македонија останува

По повеќе од еден месец шпекулации дека бугарскиот премиер Кирил Петков на 24 мај еднострано ќе го крене ветото за почеток на преговори на Македонија за членство во Европската унија, неговиот заменик во Владата, Асен Василев, со спротивна најава.

„Нема да го кренеме ветото за Република Северна Македонија“, беше категоричен Василев за комерцијалната Бугарска телевизија (БТВ).

Тој го поддржа барањето од Петков до претседателот Румен Радев за свикување на Консултативниот совет за национална безбедност, на кој сите политички лидери и шефови на служби одново би ја потврдиле бугарската позиција за ова прашање.

„Нашата позиција останува непроменета. Бараме почитување на Договорот за добрососедство“, додаде вицепремиерот.