Бугарскиот парламент денеска ќе избира влада

Откако вчера кандидатот за бугарски премиер Николај Денков го достави предлогот за состав на влада до претседателот Румен Радев, за денеска во 13 часот (бугарско време) е закажана вонредна седница на бугарското Народно собрание на која ќе се избере влада.

Шефот на државата на средбата со Денков рече дека во најбрз можен рок ќе донесе указ предлогот за влада да влезе во парламентот каде што ќе се гласа. Тој нагласи дека очекува предлог-кабинетот да биде „изгласан по совест“ од пратениците.

Предлог-кабинетот на Денков може да смета на пратеничките групи на десницата и на подџдршка од најголемата партија ГЕРБ, или вкупно 132 пратеници. Останува да се види дали сите ќе го почитуваат договорот и ќе го поддржат.

Средбата на кандидатот за премиер Денков со шефот на државата вчера траеше буквално две минути.

Не присуствуваше Марија Габриел – идниот вицепремиер на Денков, која за 9 месеци треба да го замени на премиерската функција.

Ова е планот за кој се договорија коалициите ГЕРБ/СДС и „Продолжуваме со промената/ДБ по преговорите кои завршија со договор за составот на кабинетот и неговите приоритети.