Бугарскиот “антимакедонизам” на колена – пишува Горан Момироски

На почетокот на оваа колумна сакам да искажам благодарност до храбри луѓе во високи кругови на бугарската влада кои ги доставија информациите содржани во писмото со кое официјална Софија најавува регистрација на правни ентитети формирани од Македонци во Бугарија.

Оваа дипломатска победа на Македонците во Бугарија е од исклучително значење за сите Македонци во светот но важна е и за бугарската јавност чии делови веќе прифаќаат дека признавањето на македонскиот идентитет различен од бугарскиот во оваа земја е реалност и тој не е закана за источниот сосед.

Уште поважна е пораката која доаѓа преку Советот на Европа дека сите демократски земји а не само Македонија имаат обврска да обезбедат почитување на индивидуални и колективни човекови права на сите етнички групи вклучително и на Македонците во Бугарија, Грција, Србија, Албанија…

Во оваа колумна го објавувам текстот од таканаречениот “ДОДАТОК НА ПЛАНОТ ЗА Акција” во врска со група пресуди за ОМО Илинден кои се донесени од Судот за човекови права во Стразбур.

Писмото од Софија до Стразбур доаѓа на 17 дена пред истекот на рокот даден од СЕ до Бугарија и не значи апсолутно исполнување на барањата содржани во заклучоците на Советот на Министри но е гаранција дека наскоро следува регистрација на македонски организации во Бугарија.

Бугарија не го прави овој чекор во знак на добра волја или како искрено признавање на Македонците и нивните права за политичко и друг вид организирање во Бугарија. Причината е стравот од исфрлање на земјата од најстарата европска организација но сепак е голем чекор, пред се за Македонците.

Според документот испратен од Бугарските власти до Советот на министри на Совети на Европа на 13 мај 2021 година владата во Софија се обврзува во скоро време да регистрира македонски правен ентитет во Бугарија и со тоа де факто да го признае македонското малцинство.

Според текстот на писмото бугарската влада наложила воспоставување на методологија со која ќе биде призната Македонска организација во Бугарија.

Таканаречениот “додаток” кој имав можност детално да го проанализирам има за цел да обезбеди информации до Комитетот на министри за најновите случувања во врска со извршувањето на пресудите во врска со ОМО Илинден.

Во него се вели дека владата во Софија веќе презела суштински активности за спроведување на Главните препораки на Комитетот во Привремената резолуција CM / ResDH (2020) 197.

Документот се повикува на писмо од 10 мај 2021 година кое е испратено откако е потпишано од министерот за правда до бугарската Агенција за регистрација на организации.

Писмото содржи упатства за дополнување на методолошките насоки за службениците за регистрација за да ги покријат прашањата разгледани во оваа група случаи и детални, лесни упатства за здруженија за барањата на постапките за регистрација.

Упатството, подготвено со помош на Одделот за извршување содржи
анализа на проблемите идентификувани досега во процесот на извршување и е приложена кон писмото од Министерот за правда со кое се поставува краен рок на Агенцијата за регистрација до крајот на мај 2021 година за подготовка на дополнети методолошки упатства и новите упатства за здруженијата.

Според писмото Агенцијата треба веднаш да го извести министерот за правда за преземените дејствијата а Комитетот на министри ќе биде информиран за секој понатамошен развој и дополнителни мерки на бугарските власти.

Писмото кое имав можност лично да го видам е со дата од 13 мај 2021 година и без разлика што до најавениот рок не се спроведени целосно најавените чекори од владата во Софија претставува историска победа на правото на Македонците во Бугарија за организирање кое е остварено по децении борба против бугарскиот хегемонизам и антимакедонизам.

По ова писмо во Бугарија се уште ќе има луѓе кои ќе бараат правни начини да се одземат или да се потечат регистрациите на македонските организации но ниту една влада во Софија нема да може да ги негира Македонците нити заклучоците на Советот на Европа.

Писмото е камен на вратот и на македонските власти кои наскоро формално ќе треба да се изјаснат дали ја поддржуваат Бугарија во негирање на правото на постоење и организирање на Македонците во Бугарија или ќе застанат на страна на Советот на Европа и универзалното човеково право на самоидентификација.

Други детали за новата ситуација во овој текст

Македонци пред историска меѓународна победа против негатори – пишува Горан Момироски