Бугарски радикали тврдат дека се во комуникација со МВР на Спасовски за роденденот на Делчев

Претседателот на бугарската антимакедонска организација ,,Македонија” Виктор Стојанов кој има забрана за влез во земјава тврди дека е во контакт со македонската полиција која ќе ги придружува неговите следбеници на роденденот на Гоце Делчев.

Стојанов вели дека за редот и мирот на роденденот на Гоце ќе се грижат и бугарски полицајци и му се заблагодарува на МВР на Спасовски за соработката.

,,Дојдете да го почестиме Гоце Делчев заедно во Скопје сега на 4ти, во сабота! Нема да има и нема да се дозволи барикади, блокади или провокации! Во контакт сме со полицијата во Скопје и тие заедно со бугарското МВР ќе се погрижат за редот и мирниот тек на прославата! Имаме организиран превоз со автомобил од Софија. На граница ќе нè пречека полицијата на Северна Македонија и ќе обезбеди превоз до гробот и назад на Гоце. Во 11:30 часот на паркингот Калето ќе дојдат и нашите пријатели од Скопје и Бугарите од цела Македонија, иако поради страв од напади нема да ги има многу.
Им благодариме на Министерството за внатрешни работи на Македонија и на Министерството за внатрешни работи на нашата татковина што обезбедија ред и заедно го оддадоа Гоце во дух на разбирање и пријателство – како што ќе биде и во иднина! Дојдете да го почестиме Гоце на неговиот гроб во Скопје”, пишува Стојанов.

МВР се уште не ја демантира информацијата на Стојанов кој тврди дека Македонците се Бугари.