Нов изблик на антимакедонска реторика во Бугарија испорача Трендафил Митев, професор на Универзитетот за национално и светско стопанство и бивш претседател на Македонскиот научен институт од Софија, во интервју за радиото Фокус.
„Сите земји на Балканот ја освоија и ја заслужија својата слобода. Република Северна Македонија – нивната земја падна од небо. Југославија се распадна и се формираше една земја, затоа македонизмот нема авторитет, не пролеа крв за да ја има таа држава“, изјави Митев.
„Во Македонија има Евреи – над 6.000 години, има Албанци – зад себе имаат 3.500 години цивилизација, има Бугари – 1.400-1.500 години, имаат Роми и Турци – 600 години на Балканот и некаков македонизам што се појави пред половина век. И сака да игра водечка улога. Тој нема тежина. Цивилизациски, споредено со другите духовни реалности, тој е едно прваче, многу лесна појава. И за да се докаже дека од него ќе има голема корист таа држава, на македонизмот му е потребен непријател. И си ја избраа Бугарија. Од таа причина, тие се борат против Бугарија со сите можни средства, за да докажат дека таа борба е да се има слободна македонска држава, бидејќи Бугарија не ѝ мисли добро на оваа држава, нешто што е големиот парадокс на нашето време. Еден примитивен начин на размислување, кој силно избувна по почетокот на новиот век, кога на чело на Владата беше Никола Груевски“, додаде тој.