Бугарите нема да бидат запишани во Уставот на РСМ, оцени за Радио „Фокус“ претседателот на Македонскиот научен институт од Софија, Георги Николов, во врска со најавата од премиерот Димитар Ковачевски дека ќе поднесе оставка по уставните измени.
„Не сум оптимист дека прашањето ќе се реши онака како што очекува Европската унија, имено дека Бугарите ќе бидат наведени како еден од државотворните народи“, вели професорот. „Ова е очајнички потег за исполнување на барањето на Европската Унија, а со тоа и еден од главните услови на ВМРО-ДПМНЕ – да има нови избори на кои се надеваат дека ќе победат“.
Николов смета дека „крајно десничарските движења“ во Македонија немаат намера да го поддржат процесот на пристапување во Европската унија.
„Ултрамакедонистите само проформа изјавуваат дека сакаат да влезат во Европа, но всушност се зависни од Белград. Србија исто така се наоѓа ‘никаде’ во сличните чекори за влез во ЕУ, кои не се прават, напротив, има движење кон Русија. Решенијата за сите современи прашања на Македонија се наоѓаат во Белград“, смета тој.
Претседателот на Македонскиот научен институт изјави дека „антибугаризмот“ е силно поддржан во Македонија, бидејќи тој служел како аргумент за означување на Бугарија како противник на евроинтеграциите на земјата.
„Се прави сè за да се каже дека Бугарите се виновни што РСМ не влезе во Европската унија. Тоа се прави многу години за да се каже дека Бугарија поставува нови и нови услови“, објасни тој.