Бугарскиот пратеник Костадин Костадинов, лидер на ултранационалистичката партија Преродба (на бугарски „Възраждане“), им објасни на колегите во Собранието во Софија за што треба да се залагаат во однос на Македонија.
„Иднината на Бугарија и на Македонија неспорно е една, но тоа е една заедничка држава. За тоа треба да се бориме сите ние, за тоа го дадов примерот од 25 мај 1941 година. Една заедничка држава – обединета Бугарија со Македонија, а не членство во Европската унија. Тоа нема да ни го реши проблемот, зошто ако Македонија влезе во тој свет, македонскиот јазик ќе стане официјален во ЕУ. И кога некој од нас ќе почне да зборува на дијалект, ќе треба да му објаснуваме дека тоа не е бугарски, туку македонски јазик“, рече од говорницата претседателот на опозициската партија со 13 пратеници во собранието со 250 члена, додека неговите сопартијци кренаа листови на кои пишуваше „Македонија е Бугарија“.
