Иво Христов, пратеник на опозициската Бугарска социјалистичка партија (БСП), ја искритикува политичката елита во својата земја за односот кон Македонија, нарекувајќи го „тежок провинцијализам“.

„Има некои работи со кои не се тргува. Но, први ја признавме Македонија без услови, а на крајот ќе признаеме сè – и македонскиот идентитет, и македонскиот јазик“, изјави професорот за Бугарска национална телевизија (БНТ).

„Не можам да бидам рамнодушен кога се зборува за Северна Македонија – мојот род по таткова линија е од Егејска Македонија. Станува збор за длабока семејна меморија, и тоа трауматична за мене. За мене прашањето за Македонија е болно. Никој од нас, наследниците на тие Бугари, не му дал право на дел од нас – тие во Скопје, да зборуваат од името на сите што потекнуваат оттаму. Целиот овој проект Македонија е изграден целосно на антибугарска основа! Тука се гледа длабоката некомпетентност и искомплексираност на целата бугарска елита, со мали исклучоци, која не ја разбира длабочината на овој проблем, сметајќи дека тој е нешто странично“, објасни Христов.

„Целиот проект Македонија е изграден целосно врз антибугарска основа, врз коските на бугарските маченици, на сметка на бугарската историја и на сметка на бугарскиот идентитет! Кога ќе им кажете дека треба да стигнеме до историската вистина, тоа значи тие да престанат да бидат тоа што се – сурогат Бугари. Поради оваа причина треба да сме начисто – дека станува збор за две мали држави, притискани од геополитичките фактори. Бугарската врхушка направи уште една геостратешка глупост со потпишувањето на договорот со Северна Македонија, само и само Македонија да влезе во НАТО. Сега таа ќе изврши ново национално предавство, давајќи им шанса да почнат преговори со ЕУ!“, вели пратеникот на БСП.