Бугарскиот историчар Пламен Павлов го коментира за тамошното Радио Фокус отпорот во Македонија за промени на Уставот со кои би биле впишани и Бугарите во него.
„РСМ е последниот резерват на титовиот македонизам. Сведоци сме на еден вид ‘Парк Јура’. На прв поглед е смешно, но тоа е факт“, вели тој. „Сведоци сме на уште една апсурдна сцена со разгледување прашање кое е совршено јасно. Во салата на македонското народно собрание речиси и да нема сомнеж дека во РСМ живеат Бугари. Упорноста на т.н. опозиција, пред сè на т.н. ВМРО-ДПМНЕ, е показател за стравот од вистината и за неподготвеноста да се тргне по европскиот пат. Однесувањето на Христијан Мицкоски и на неговите сопартијци зборува за одбивање да влезат во ЕУ и за самостојно владеење, а пред сè за следење странски мантри, посебно на Москва и на Белград“.
„Според мене, огромен дел од општеството е убедено дека РСМ треба да биде во ЕУ. Друго прашање е колку овој театар на апсурдот влијае врз него“, коментира историчарот.
„Каков и да е резултатот од промените во Уставот, тоа нема да го смени фактот дека во Северна Македонија има Бугари“, категоричен е Павлов.
Според него, сосема е можно измените да поминат во скопското Собрание. Но, ако тоа не се случи: „Тоа ќе биде груба грешка, злосторство на дел од политичката елита против сопствениот народ и неговата иднина“, убеден е професорот Пламен Павлов.
„Со загриженост гледаме што се случува, бидејќи она што се случува во Скопје навистина оди подалеку од нормалното политичко однесување“, резимира историчарот.