Коментирајќи ја вчерашната седница на Консултативниот совет за национална безбедност, познатиот бугарски историчар и поранешен пратеник во неколку состави на Парламентот, Андреј Пантев, оцени дека неговата земја води загубена битка за Македонија.
„Таа битка за Македонија ја загубивме. Во 1913 година ние бевме единствената православна држава што војуваше на страната на австро-германскиот блок, која, сепак, ја водеше Втората светска војна против земјите што се бореа за нејзино ослободување. Има една книга ‘Црните овци на Балканот“ – тоа сме ние. Но, и покрај сета наша самокритика, не смееме да заборавиме дека отсекогаш сме биле во непријателска средина, со оглед на тоа дека долго време бевме најголемата држава во етничка смисла и воено најсилната на Балканот“, резонира тој за БТВ.
Прашан дали Бугарија треба да ја омекне својата позиција кон Македонија, Пантев со одговор: „Порано или подоцна ќе ја потчиниме. Ние не сме независна држава. Не можеме а да не направиме нешто што сите други го одобруваат. Тоа е природно, не случајно ви кажав – ова е однапред пропадната кауза. И колку и да се топориме со прашината на Самоил и со големината на Гоце Делчев, ова е веќе загубена работа. Кога влегуваш во еден сојуз, мора да знаеш дека членството во него значи и делумно доброволно откажување од државниот суверенитет“.
Експратеникот на Коалицијата за Бугарија смета и дека нема да биде лошо за Бугарија што ќе ѝ дозволи на Македонија да почне преговори за членство во Европската унија.
„Не, нема да биде лошо. Подобро да се разделиме како пријатели, отколку како непријатели, зошто овој процес е неповратен“, вели Пантев.
„’Да се разделиме’, велите, а всушност нема ли да се обединиме кога тие ќе влезат во Европската унија“, го потпрашаа, на што тој одговори: „Не. Се обединивме ли кога влегоа во НАТО? Ние немаме ништо против Македонија да влезе во военополитички сојуз каков што е НАТО, но сега имаме нешто против во ситуација кога Европската унија, сепак, е економско и културно обединување. Така што нема ништо страшно. Овој процес ќе врви. Ние сме разделени одамна и тој факт не може да биде објаснуван со никаква историска логика и фактологија“.