Бугарската влада веднаш, односно до крајот на годинава, да одобри почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, бараат 30 бугарски интелектуалци во отворено писмо до премиерот Бојко Борисов, министерката за внатрешни работи Екатерина Захариева, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Софија…

Тие бараат дебатите, наместо за историски прашања, да се пренасочат на соработката во културата, економијата, политиката, екологијата…

Бугарските интелектуалци сметаат дека е неприфатливо оспорувањето на македонската нација и јазик. Несоодветно е, оценуваат, да се очекува едната страна во преговорите да изврши политичко самоубиство.

Во отвореното писмо интелектуалците, меѓудругото, предлагаат Коридорот 8 да се именува „Гоце Делчев“, како „наследство од минатото, кое не го дели, туку го зближува народот од двете страни на границата“.

Интелектуалците оценуваат дека кризата во односите меѓу Софија и Скопје не ги доведува во прашање само меѓусоседските односи, туку и соработката во рамките на атлантското партнерство, како и натамошниот тек на проширувањето на ЕУ и геополитичките опасности на кои ќе се изложат земјите.

Писмото, објавено од страна на Бугарската заедница за либерална демократија БОЛД, досега е потпишано од 30 бугарските интелектуалци..

Ова е второ слично писмо на група бугарски интелектуалци во последните два месеци. Во првото, објавено во октомври годинава, се  критикуваше таканаречениот објаснувачки Меморандум на Софија испратен до другите ЕУ- членки.