Пламен Петров, експерт за Македонија, го поддржува новиот пристап на бугарскиот премиер Кирил Петков кон југозападниот сосед, но за развојот на трговските и транспортните врски меѓу Софија и Скопје објективен проблем според него е (не)рентабилноста.
„Го поздравувам пристапот на новата бугарска влада во односите со Северна Македонија да ја нагласи деловната, трговската и транспортната поврзаност наместо да тоне во поделба на кралеви, војводи и востанија. Но, ова е дежа ву. Во 2017 година се раскажуваа многу приказни за пругата и автопатот Софија-Скопје, а до ден-денес ги нема.
Како деловни луѓе, Кирил Петков и Асен Василев брзо ќе сфатат дека главниот проблем е чисто финансиската исплатливост на овие проекти. Стартувањето на авиолинијата Софија-Скопје беше најавено со предвидување да се субвенционира бидејќи нема да има доволно патници за покривање на трошоците. Бидејќи Бугарија нема државна авиокомпанија, летовите мора да ги извршува приватна. А во Европската унија државната помош за бизнисот е забранета. Се надевам дека премиерот има идеја како да се заобиколи оваа забрана.
Но, субвенционирањето на авиолинијата ќе чини стотинки во споредба со парите потребни за железницата и автопатот. Некои мислат дека бугарскиот дел од железницата е веќе готов. Сепак, тоа не е вистина. Ако возот сообраќа по постоечката пруга од Софија до Ѓуешево, патувањето до Скопје веројатно ќе трае 6-7 часа и никој нема да се реши за тоа. За да се зголеми брзината, потребна е сосема нова делница од Радомир до Ѓуешево со 13 тунели (од кои едниот е долг 15 километри!) за најмалку 900 милиони лева. Плус од Ѓуешево до границата. Да не зборуваме за македонската делница – поминува низ уште потежок терен, изградбата таму е во тек, но нема голем напредок.
Наспроти милијардите потребни за изградба на новата инфраструктура стои прилично скромната трговија меѓу Бугарија и Северна Македонија. Во 2020 година во Бугарија се увезени македонски стоки во вредност од 593 милиони лева, а нашиот извоз во Северна Македонија изнесуваше 852 милиони лева (околу 1,5% од целиот бугарски извоз).
Така што повторно доаѓаме до фундаменталното прашање: дали бугарските власти се подготвени да платат геополитички бонус за да го покријат недостигот од профитабилност на проектите за транспортно поврзување меѓу Софија и Скопје? Одговорот на ова прашање е многу важен, уште поважен од тоа дали Бугарија ќе даде зелено светло за претпристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ“, коментира Петров на Фејсбук.