Илијан Василев, амбасадор на Бугарија во Москва од 2000 до 2006 година, го критикува ултиматумот за поддршката за членството на Македонија во Европска унија, наместо кој сугерира „мека“ политика.

„Да ги предупредам членовите на Консултативниот совет за Македонија. Ако донесат одлука и утре Бугарија во изолација, сама одбие да гласа и ја блокира поканата за Северна Македонија за ЕУ, ќе ја направиме најголемата грешка во нашата најнова историја. Први ја признавме Македонија прво, но не направивме ништо за да ја капитализиравме таа предност, не изградивме автопати, железнички линии, не направивме бизнис експанзија, не отвориме мостови и сега сме запнале кога е доцна. Ако сме имале нешто против, требало во рамките на дискретна процедура преку ЕК да им се одложува датумот.
Воопшто, ако сакаме да ја освоиме Северна Македонија, ни треба ‘мека’ политика на постојан раст на заемната зависност, а најмногу Бугарија да се претвори во привлечен пример за благосостојба и безбедност. Насила не може да нè сакаат.
Мора да биде јасно – колку и да не сакаме да признаеме – Северна Македонија има свои интереси. Дури и Гоце Делчев да се определувал за Бугарин, неговата кауза беше автономна Македонија, во која покрај Бугарите живееле многу други националности. И таа кауза со време, посебно во Југославија, добила самостојно значење.
Ние можеби нема да ја запреме поканата со декларација, но се плашам дека ВМРО (на Каракачанов – н.з.) ќе бара предизборни отстапки.

Јавноста е тотално збунета зошто лесно се пали на тема ‘нè навредуваат’.
Но, зад ова се кријат себични интереси на некои политичари, за кои наредбите на Москва да ја сопрат Северна Македонија се поважни, и на други кои прават бизнис со бугарските пасоши“, објави на Фејсбук дипломатот, писател и политички аналитичар.