Пишува: Свето Тоевски

Во март 1943 година фашистичка Бугарија испрати 7144 македонски Евреи во гасните комори на логорот на смртта „Треблинка“. Во јули 2022 година неофашистичка Бугарија сака да го испрати во колективната „комора за деидентификација“ целиот македонски народ. Бугарија како држава има неизбришлива трага врз својата национална историја, поради монструозното учество во холокаустот врз Евреите во Втората светска војна напоредно со хитлеровска Германија.

Депортираните Евреи од Македонија, покој им на душите, беа уништени, но како Евреи останаа. Ним никој не им ги одзеде еврејските души. Денешна Бугарија чини семожни напори да ги уништи и Македонците во колективната „комора за деидентификација“, но на тој начин што ќе им ги одземе и душите, идентитетот, свеста, јазикот и историјата. Во „коморите на смртта “ во Треблинка беа физички уништувани Евреите како народ, а во бугарската „комора за деидентификација“ треба да биде уништено самото македонско битие на народот, неговата колективна душа.

Со класични воени методи во Украина Путин применува руска „специјална операција за денацификација и демилитаризација“, а Бугарија применува во Македонија специјална операција за „деидентификација“ на Македонија и Македонците. Се дистанцирам од какви било судови за Русија и Украина. Во Македонија се спроведува специјална војна против неа како држава и против Македонците како народ уште во 2018 година со потпишувањето на „Преспанскиот договор“. Бугарија сега се обидува со својот „французиран“ предлог за ЕУ-преговори да ја приврши таа специјална воена операција за деидентификација, која ја комбинира и со своја политичка агресија.

Во април 1941 година бугарската фашистичка војска, со согласност на Адолф Хитлер, влезе во вардарскиот дел на етнојазичната територија на Македонија и прогласи окупација, или по свое „ослободување“ на Македонија – од Македонците и македонизмот. Со слично неофашистичко сценарио и оваа бугарска власт, со согласност овојпат на официјален Брисел наместо Хитлер, има намера да навлезе во Македонија. Но, слободољубивиот македонски народ од антифашистичка Македонија со своите масовни протести не и дозволува на бугарската „еврофашистичка војска“ да влезе на македонската територија и во „нашата земја“ да основа нова окупаторска бугарска управа – „администрација“.

Со бугарскиот, божемен „француски предлог“ за некакво отпочнување преговори со Европската Унија се цели да се урнат темелите на македонската држава, оние остатоци кои што преостанаа по интензивните спроведувања на „Бугарскиот“ и „Преспанскиот договор“, да се влезе во Уставот, да се прогласат „македонските Бугари“ како „државотворен народ“ и потоа да уследи практичното градење на втората бугарска држава на Балканот на територијата на Македонија.

Застанувајќи целосно зад асимилаторските барања на Бугарите, Европската Унија самата го обесмисли каков било натамошен стремеж за интегрирање во ваквата Унија. Влегувањето на бугарските барања во „преговарачката рамка“ веќе како официјален документ и на ЕУ веќе ја урниса целосно државната преговарачка политика на Македонија. Европската Унија нема намера да ја прими Македонија во своите редови, па и сто и една реформа да спроведе според нејзиниот ќеф!

Која е смислата Македонците да влегуваат во ЕУ, што нема ни за сто години да се случи, по цена да не бидат Македонци, туку „самоосвестени“ и „благонадежни Б’лгари“, говорејќи јазик, кој е „неправилен западен дијалект“ на „општиот“ бугарски јазик?! Зарем ќе им се дозволи на Бугарите да им ги бришат учебниците, спомениците, историјата, националната свест и колективното паметење на Македонците?! Дефинитивно, на Македонците и на Македонија не им е местото во ваквата Европска Унија.

Своето национално достоинство и високата национална свест Македонците ги искажаа и ги потврдија и на досегашните општонародни митинзи. Од тие митинзи им е испоставен кристално јасен налог за политичарите во Македонија веднаш, без никакво одлагање, да се прекинат преговорите со Бугарија, да се расформира „Историската комисија“ и со дипломатска нота во Обединетите Нации да се укинат геноцидните антимакедонски „добрососедски договори“!