Расте оптимизмот во фудбалската репрезентација на Бугарија пред реваншот со Македонија утревечер од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, од кој источниот сосед очекува „задолжителна“ победа.

„За претстојниот натпревар вчера им кажавме дека одиме на задолжителна победа. Идејата е да има подмладување и профилот на играчите да биде поврзан, да не се повторувам, со подмладување на составот, но во исто време да бидеме динамични и брзи, бидејќи гледате дека трендот во модерниот фудбал е токму тоа“, изјави тренерот на бугарскиот национален тим, поранешниот дефанзивец Иван Иванов.

Капитенот Кирил Десподов, пак, ја нагласува посебната димензија на соседскиот дуел со оглед на затегнатоста во односите меѓу двете држави поради бугарското условувањете на преговори на Македонија за членство во Европската унија.

„Според мене, Македонија ќе му пријде на мечот повеќе на политичка основа отколку како на фудбалски двобој. Треба да се сконцентрираме и да оствариме добар резултат. Тоа ќе помогне за самодовербата на тимот. Сметам дека таа е доста намалена, можеби со право. Секогаш одиме на победа. Тие ќе ја имаат предноста да играат пред својата публика, но сметам дека ќе направиме добар резултат и оти ќе победиме“, вели тој.

Средбата од последното коло во групата Л во Скопје ќе ја води 37-годишниот австриски судија Јулијан Вајнбергер и во неа Македонија влегува како второпласирана со 7 бода, еден повеќе од Бугарија, која во четвртокот го декласира дома Гибралтар со 5:1.

Првиот меѓусебен дуел во Разград заврши нерешено 1:1.