Најавувајќи го стартот во фудбалската Лига на нациите, бугарски „Топ спорт“ уште во насловот „Само да не се посрамотиме против Северна Македонија“ ги сублимира очекувањата од натпреварот во кој „се испреплетуваат политиката, историјата и националната чест“.

„Освен борбата за ЕП 2024, честа на бугарскиот фудбал ќе биде заложена и на двата натпревари против Северна Македонија. Во некоја рака дури и тоа да не се посрамотиме против ‘рисовите’ станува поважна задача отколку да се дојде до големо натпреварување.


Нема како да биде поинаку, бидејќи нашето ривалство со Македонците нема да биде само фудбалски натпревар. Во него ќе се испреплетуваат политиката, историјата и националната чест. И ако на полето на дипломатијата изгледаме пасивни, чекајќи наредба од големите сили, тогаш барем на ‘зелениот тепих’ мора да покажеме некаков карактер.

Да бидам искрен, во моментов Северна Македонија е далеку пред нас фудбалски. Подобри играчи, кои играат за пореномирани клубови. Подобар национален стадион, кој веќе беше домаќин на големо финале, и очигледно подобра долгорочна стратегија за целокупниот развој на играта“, пишува „Топ спорт“.

Бугарија ќе ја пречека Македонија на 2 јуни во Разград во првиот меѓусебен официјален дуел во некое натпреварување.