Бугарија загрижена дека законските измени во Македонија имаат цел ограничување на правото на здружување на Бугарите

Министерството за надворешни работи на Бугарија со соопштение за јавноста реагира за измените и дополнувањата на законите за здруженија и фондации и за политички партии во Македонија, оценувајќи ги како нарушување на Договорот за пријтелство, добрососедство и соработка.

„Законските измени усвоени од Република Северна Македонија го спречуваат ефективното и сеопфатно спроведување на Договорот за добрососедство. Очекуваме властите во РСМ на сите нејзини граѓани, вклучително и на оние кои се идентификуваат како Бугари, да им гарантираат еднакви права и слободи“, се вели во ставот на бугарското МНР, кое изразува силна загриженост за амандманите и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации и на Законот за политички партии што ги изгласа македонското Собрание.


Постои сериозна загриженост дека тие имаат за цел дискриминаторско ограничување на правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија, за што причината е едностраното толкување на историските факти, велат од МНР во Софија.

„Легитимниот стремеж за спротивставување на сите форми на екстремизам и омраза не може да се инструментализира за намерно ограничување на правата на одредени заедници. Ограничувања од ваков карактер веќе им беа наметнати на Бугарите во Северна Македонија во минатото. Со слични аргументи, во 2001 година беше забранета организацијата ‘Радко’, кој е псевдонимот на Иван Михајлов. ЕСЧП веќе донесе одлука за оваа работа – случајот ‘Радко и Пауновски’ против БЈРМ. Во него се наведува: исклучоците од правото на слобода на здружување мора тесно и точно да се толкуваат, а само убедливи и императивни причини можат да го оправдаат ограничувањето на ова право; употребата на име на лице кое мнозинството од населението го перципира негативно не може само по себе да се дефинира како за осуда или да претставува вистинска и непосредна закана за јавниот ред.

Усвоениот механизам, според кој ‘Консултативното тело’ формирано во Скопје треба да дава позитивни мислења за да се дозволи употреба на дадено име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, го наметнува прашањето за наметнување пристап во интерпретацијата на историските личности и настани базиран исклучиво на доминантната официјална интерпретација во Северна Македонија. Овој пристап ја следи сосема логично и ја објаснува неподготвеноста да се деблокира работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.

Посебен проблем е одлуката на Собранието на Северна Македонија воопшто да не го вклучи комунизмот како тоталитарна и репресивна идеологија во спроведувањето на усвоените измени. Сè уште нема законска мерка или механизам за рехабилитација и обештетување на убиените и повредените за време на комунистичкиот режим во поранешна СР Македонија, прогонувани и репресирани исклучиво поради нивниот бугарски идентитет.

Ваквиот вид на законски измени го попречуваат ефективното и сеопфатно спроведување на Договорот за добрососедство. Очекуваме властите во Република Северна Македонија да гарантираат еднакви права и слободи на сите нејзини граѓани, вклучително и на оние кои се идентификуваат како Бугари. Тоа се однесува на слободното изразување на нивните историски ставови и верувања во услови на плуралистичко општество, како и на можноста за создавање политички партии, здруженија и културни центри. Во духот на стратегијата ‘Едно општество за сите’, властите во Северна Македонија треба да ги обезбедат неопходните услови за претставниците на етничките заедници да ја задржат и развиваат својата култура, да ги зачуваат главните елементи на нивниот идентитет, традиции и културно наследство. Правото на слободно здружување, мирно собирање, слободата на говорот и слободата на уверувањето треба да се гарантираат за сите граѓани на државата“, велат од МНР на Бугарија.