Бугарија тајно ја снабдувала Украина со муниција од почетокот на руската воена интервенција во соседната држава, пишува германскиот весник „Велт“.

„Минатата пролет на украинската армија ѝ недостигаше дизел гориво и муниција од советски калибар потребни за борба против Русите. Спасот дојде од неочекуван правец – од Бугарија“, се вели во написот.

Авторите на материјалот забележуваат дека Софија од почетокот на конфликтот во Украина се обидува да нагласи дека не го вооружува Киев. Ова, според авторите, се должи на „раздробеноста на внатрешната политика на Бугарија и присуството на проруски чувства кај поголемиот дел од нејзината елита“.

Меѓутоа, во реалноста, се покажа дека кога на 28 април минатата година Кирил Петков, кој во тоа време беше премиер на Бугарија, дојде во Киев за да го увери претседателот на Украина, Володимир Зеленски, за неговата поддршка, лидерите на двете земји постигнале некаков договор.

„Во времето на патувањето на Петков во Киев, бугарската влада веќе ја започнала процедурата за сеопфатна воена помош за Украина“, се вели во написот.

Преку интервјуа со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, со поранешниот бугарски премиер Петков и со неговиот министер за финансии Асен Василев, весникот направи слика за тоа како Бугарија, без да каже ништо отворено, користела посредници за снабдување на Киев со витални резерви на оружје, муниција и дизел гориво во критичен момент во борбите минатата година.

„Додека Социјалистичката партија во Софија снабдувањето со бугарско оружје за украинските сили го нарече ‘црвена линија’, претставниците на Петков избегнуваа меѓувладини договори и користеа посредници во Бугарија и во странство за да ги отворат воздушните и копнените патишта за снабдување преку Романија, Унгарија и Полска“, велат авторите на материјалот.

Во написот се цитираат зборовите на Петков, кои ја потврдуваат оваа информација.

„Според нашите проценки, околу една третина од муницијата потребна на украинската армија во раните фази на војната дојде од Бугарија“, рече Петков за изданието.

Забележано е и дека дизел горивото што Бугарија го испорачувала на Киев се преработувало од руска сурова нафта во рафинеријата на Црно Море, која во тоа време и припаѓала на руската компанија „Лукоил“.

„Бугарија стана еден од најголемите извозници на дизел гориво во Украина и понекогаш покриваше 40 отсто од потребите на земјата“, изјави Василев за „Велт“.

Владата во Киев ја потврди оваа верзија на настаните. Така, Кулеба изјави за „Велт“ дека минатиот април на неговата земја ѝ се заканувал недостиг на муниција.

„Знаевме дека бугарските магацини имаат големо количество потребна муниција, па претседателот Зеленски ме испрати во Бугарија за потребните материјали. Додека некои членови на бугарската владина коалиција застанаа на страната на Русија, Петков одлучи да биде на вистинската страна на историјата и да ни помогне да се одбраниме од многу посилен непријател“, рече Кулеба.

Два дена претходно, колумнистот на „Блумберг“, Мајкл Винфри, напиша дека Западот го снабдил Киев со повеќе од 4.000 оклопни возила и артилериски парчиња, стотици тенкови и десетици авиони од почетокот на руската „специјална воена операција“ во Украина. Конкретно, во материјалот се вели дека Киев од Запад добил 14 советски јуришни авиони Су-25 купени од земјите на НАТО во Бугарија.

Коментирајќи го ова, министерот за надворешни работи на техничката влада на Бугарија, Николај Милков, рече дека првпат слушнал за серија авиони Су-25 пренесени во Киев.

Пред ова, на 23 декември, началникот на бугарскиот Генералштаб, адмирал Емил Ефтимов, објави дека бугарското Министерство за одбрана почнало да испорачува оружје на Украина. На 9 декември бугарскиот парламент го одобри списокот со оружје што треба да се испрати во Киев, подготвен од Владата. Беше забележано дека Софија ќе испрати главно лесно оружје и муниција.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, одлуката на Бугарија за воена помош на Украина ја нарече уште еден непријателски напад врз Русија. Според неа, сега Софија е одговорна и за продолжување и ескалација на украинскиот конфликт, како и за поткопување на безбедноста во Европа.