Во времето на премиерствувањето на Бојко Борисов од бугарска страна имаше предлог до Македонија да ѝ го чува небото со своите воени авиони, за неколку години подоцна членката на НАТО да го побара тоа за своето од Грција.
Грчкиот весник „Катимерини“ пишува дека Бугарија е четвртата балканска земја по Македонија, Албанија и Црна Гора што побарала од Грција да ѝ го заштити воздушниот простор во период од три месеци.
За барањето на Софија било разговарано на состанокот на Северноатлантската алијанса и на дипломатско ниво, пишува „Катимерини“, повикувајќи се на извор од седиштето на НАТО.
Бугарските воени авиони се ограничени по број и нивниот капацитет не може да ги покрие сите безбедносни барања, особено во период на војна во Украина, се додава во написот.
Се очекува Бугарија да го добие првиот од нарачаните нови воени авиони дури во 2025 година, забележува весникот.
Грчки авиони Ф-16 почнаа да патролираат во македонскиот воздушен простор во мај 2019 година по одлука на тогашниот премиер Зоран Заев. Според медиумските извештати од тоа време, Турција ѝ се налутила на Македонија за таквиот избор, бидејќи и таа се понудила за таквата задача.