Бугарската Агенција „Патна инфраструктура“ (АПИ) распиша јавен тендер за изработка на идејно-технички проект за изградба на автопатот од Дупница до Ѓуешево на границата со Македонија.
Трасата ќе обезбеди брза врска помеѓу трансевропскиот транспортен коридор „Ориент/Источно-средоземноморски“ по кој минува автопатот „Струма“ и бугарско-македонската граница. Се очекува автопатот да биде долг околу 62 километри.
Со спроведувањето на јавниот оглас во фазата на идејно проектирање, ќе бидат разгледани алтернативни решенија за реализација на трасата помеѓу граничниот премин „Ѓуешево“ и автопатот „Струма“, со проектна брзина од 120 км/ч.
Проценетата вредност за реализација на договорот за јавен проект е 3,1 милиони лева без ДДВ, а средствата се од буџетот на АПИ. Терминот за изработка на проектот е 150 календарски дена од датумот на склучување на договорот и го вклучува само времето на проектирање.
Кандидатите можат да поднесат понуди до 15 септември 2022 година.