Министерството за надворешни работи на Бугарија во одговор на прашање од весникот „Труд“ објаснува зошто таа немало да ја промени позицијата во однос на евроинтеграцијата на Македонија.
„Би било неосновано да се очекува дека бугарската позиција ќе се промени. Таа позиција е предмет на натпартиски консензус и на 84 проценти јавна поддршка. Да не заборавиме колку бугарски граѓани се наследници на бегалци од Вардарска Македонија. Според податоците на Министерството за правда, 88.450 државјани на Република Северна Македонија исто така имаат бугарско државјанство. Ниту една бугарска Влада не може да ги предаде тие луѓе“, вели бугарското МНР во одговорот, нагласувајќи дека „не ни претставува никакво задоволство позицијата што Скопје нè принуди да ја заземеме, откако со децении Бугарија обезбедува севозможна поддршка за нашите собраќа од другата страна на границата“.
Позицијата на официјална Софија немало да се промени ни со анекс на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, додаваат од тсмошното МНР.
„Потпишувањето на анекс/протокол или друг документ не може да ги реши само по себе отворените прашања во односите со Република Северна Македонија. Веќе постои Договор за добрососедство од 2017 година, ратификуван од двете страни и депониран во ООН, кој Република Северна Македонија не го исполнува, Ништо не ни дава основа да веруваме дека уште еден потпишан документ ќе ја промени таа пракса на неисполнување меѓународни ангажмани. Токму поради оваа причина Бугарија настојува да бидат вклучени конкретни, следливи и обврзувачки услови за ова во преговарачката рамка за Република Северна Македонија“, одговорија од министерството на Екатерина Захариева за „Труд“.