Го потврдивме ветувањето дека темата за Северна Македонија задолжително ќе помине преку Народното собрание, изјави портпаролката во кабинетот на премиерот Кирил Петков, Лена Бориславова по завршувањето на вонредниот коалициски состанок.
„Коалицијата ќе дејствува обединето, но оставете експертите да работат и да најдат најдобар начин да ја претстават бугарската позиција и да ја заштитат“, рече таа додавајќи дека за нив е важно да го бранат својот став.
„Ова нема да биде влада која ќе го предаде националниот интерес. Кога ќе имаме одлука и извештај на МНР кое известува за напредокот на бугарската позиција, ќе имаме предлог до Народното собрание. Во оваа фаза не сме таму“, додаде Бориславова, пренесе „Бтв.бг“.
Станислав Балабанов од Има таков народ рече дека секоја партија се согласила дека патеката по која Бугарија треба да оди е една во овој случај.
„Се надеваме во иднина на позитивни акции од Скопје“, рече Балабанов.