Обвинувањето на Бугарија за депортацијата на македонските Евреи во 1943 година е дел од севкупната злонамерна политика на власта во Македонија, која има цел да го претстави бугарскиот народ како „фашистички“.
Ова се наведува во ставот на Министерството за надворешни работи на Бугарија, испратен како одговор на прашање од „Слободна Европа“.
Бугарското МНР наведува дека Бугарија отсекогаш гледала на периодот на Втората светска војна „со особена тага за сите 6 милиони Евреи кои загинаа во холокаустот, вклучувајќи ги и 11.000 Евреи убиени во нацистичките логори на смртта“, кои живееле во териториите на денешна Грција и Македонија, тогаш окупирани од Бугарија.
Министерството, исто така, потсетува дека во 2013 година Националното собрание ги осуди криминалните дејствија на нацистичкиот режим и изрази жалење што не било во рамките на можностите на локалната бугарска администрација да ја запре депортацијата.
„Овие трагични настани немаат никаква врска со државата Република Северна Македонија, која никогаш не постоела пред 1992 година како субјект на меѓународното право и на меѓународните односи“, се наведува во ставот на МНР испратен до „Слободна Европа“.
МНР на Бугарија понатаму додава дека властите во Македонија не се придржуваат до „објективните историски факти и продолжуваат да ја користат темата на холокаустот за пропаганда и за злонамерни политички цели, кои немаат никаква врска со сеќавањето на жртвите, научното проучување на холокаустот и борбата против антисемитизмот“.
„Припишувањето на вината на Бугарија од страна на денешните власти во Скопје се вклопува во нивната севкупна линија на однесување, која има цел да ги прикаже нашата земја и народ како фашистички“, се вели во ставот.