Очекувањето голем број „Северномакедонци“ стои зад одлуката фудбалскиот натпревар меѓу Бугарија и Македонија на стартот од Лигата на нациите наместо во Софија да се игра во Разград, пишува бугарскиот весник „24 часа“.
„Десант на Северномакедонци во Софија е причината да се преместат мечевите на националниот тим во Разград, соопшти одлично информиран извор. Службите добиле информации дека соседите подготвуваат масовна посета на двобојот од Лигата на нациите во главниот град. Во сегашната состојба во која се наоѓа репрезентацијата било целосно можно тие да се повеќе од Бугарите на ‘Васил Левски’. Тоа со сигурност ќе довело до судири пред, за време и по дуелот, зошто во престолнината е и седиштето на ВМРО, чиишто приврзаници исто така се подготвувале соодветно да ги пречекаат соседите“, се вели во текстот на „24 часа“.
„Скопје е само на 241 километар од Софија или е поблиску од Бургас и нема никакви проблеми за да дојдат илјадници фанови. Поради тоа отпаднала и варијантата со Стара Загора, зошто по престолнината се качуваш на магистралата ‘Тракија’ и по уште два часа си на стадионот ‘Берое’. Пристигнувањето до Разград е многу посложено. Растојанието веќе е минимум 578 километри, што веќе значи да се предвиди и преноќување. Зошто дуелот е од 19 часот на 2 јуни и нема можност да се тргне веднаш обратно кон Скопје“, се додава во написот.