Провокациите и непријателскиот однос од Бугарија кон Македонија не запира.

По денешната сеница на комисијата за надворешна политика во бугарскиот парламент, техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, најави дека нивниот амбасадор, Ангел Ангелов ќе биде повлечен од Скопје и ќе остане во Софија се додека, како што рече, не биде регистриран напредок во однос на третманот на македонските граѓани со бугарска самосвест во нашата држава.

„Се додека не видам знаци на некаква промена и можност тој да биде вратен назад. –А доколку не видите? –Ќе остане колку ќе биде неопходно. –Каква порака е тоа до македонските власти? –Сметам дека е став на цврста политика дека тоа однесување не може да продолжи на истиот начин“ – изјави техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков.

Потпрашан што конкретно тоа значи, Милков оцени дека треба да има позитивни чекори од практичен карактер, односно Бугарија сака да види казни за луѓето кои направиле кривични дела од омраза кон македонските бугари.

„Правосудните органи треба да си ја завршат работата. Судската власт исто така. За да се справат со вистинската ситуација. Таму има кривични дела од омраза кои што се казнуваат со минимални казни или воопшто не се казнуваат, што создава атмосфера на неказнивост. И во пракса ги поттикнува овие појави. Не може во болницата каде што лежи Христијан Пендиков да добива закани по интернет. Тоа ја покажува целосната неказнивост и за увереноста на луѓето кои ги испраќаат тие закани дека воопшто нема да бидат идентификувани“ – вели Милков.

Милков рече дека веќе ништо нема да биде исто во односите кон Македонија, најавувајќи дополнително заострување на досегашната политика, како и можно запирање на меѓудржавните билатерални проекти.

„За мене е нонсенс да се зборува за прашањето на еко-патека на планината Беласица, додека Пендиков лежи во болницата. Тоа е цинизам. Таквите проекти треба да бидат преиспитани“ – додава Милков.

Ние даваме приоритет на проектите кои се поврзани со исполнување на проектите за заштита на правата на граѓаните со бугарска самосвест, рече министерот за надворешни работи на земјата која не го признава постоењето на македонското малцинство на своја територија.

Веднаш по техничкиот министер Милков, изјава даде и сега веќе повлечениот бугарски амбасадот во Макеоднија, Ангел Ангелов.

Во најмала рака вели е изненаден од различните информации од институциите во македонија бидејки до сега бугарија сторила се што може за подобрување на односите со нашата земја.

„Бугарија стори се возможно за РС Македонија да добие реална диверзификација на гас, тоа што ние сме основниот пренесувач на текот, итн, итн, а добиваме постојано лоши вести. Сакам да сум тука многу јасен, ние сме многу изненадени, меко кажано од разногласието на институциите во РС Македонија. Обвинителството во Охрид не може да отвори случај мотивиран од омраза, не може министерот за надворешни Османи да дојде во Софија, да зборува со Христијан и да зборува за говорот на омраза а вчера вечерта на некоја телевизиска програма се јави заменик-министерот за локална самоуправа и рече дека Христијан бил нападнат бидејќи дошло до судир меѓу наркодилери. И тоа било кривичното дело“ – оцени бугарскиот амбасадор Ангелов.