Бугарските органи позитивно одговорија на барањето за екстрадиција – Игор Спасов попладнево пристигна во затворот Идризово.

„Бугарските власти одговорија позитивно на барањето за екстрадиција на лицето Игор Спасов назад во Северна Македонија по одлуката на Градскиот суд во Софија, кој донесе одлука да дозволи негова итна екстрадиција назад во земјата“, инфомираат од Министерството за правда.

Спасов претпладнево со силно полициско обезбедување ја минал границата, а пред само половина час е пристигнат во затворот Идризово.

Поранешниот припадник на специјалните едници на МВР – Игор Спасов, кој е осуден за убиство на Мартин Нешкоски, беше уапсен во Софија на почетокот на месецот.

Спасов е осуден на 14 години затвор за убиството на Нешкоски што се случи на плоштадот во Скопје на прославата на победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во 2011 година.

МВР распиша меѓународна потерница за Спасов на крајот на октомври 2019 година откако тој не се врати во затворот по завршување на лекувањето. Тој се бара за доиздржување на казна затвор од седум години и три месеци.