Бугарската потпретседателка Илијана Јотова вели дека нејзината земја е под силен европски притисок за да го тргне ветото за Македонија и да ѝ одобри почеток на преговори за членство во Европската унија.

„Бугарија продолжува да биде под силен европски притисок да се откаже од своето вето во однос на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ“, изјави таа за Бугарското национално радио (БНР).

Истовремено, според неа, во ЕУ има сè поголемо разбирање за барањата на Софија од Скопје, поврзани најмногу со правата на луѓето со бугарско самосознание.

„Дали овие услови што ги поставуваме ние ќе бидат уште во првата глава или ќе бидат запишани и ќе минуваат како црвена нишка низ целиот преговарачки процес или ќе бидат поставени на крајот во одделна 36. глава, тоа е прашање и на разработката на условите и со тоа што ќе се земе предвид бугарската позиција“, објаснува Јотова.

Прашањето ќе биде разгледувано на претстојната средба „ЕУ – Западен Балкан“ во октомври, организирана од словенечкото претседателство со Унијата.