Договорот за нова влада меѓу СДСМ и предлогот за Бујар Османи да биде шеф на македонската дипломатија на местото на Никола Димитров се двете добри вести за Бугарија, смета бугарскиот новинар Љупчо Нешков.
„Во однос на составот на новата влада добра вест за нас е тоа што ќе има нов министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој никогаш не зборувал за црвени линии, како што се случуваше со досегашниот министер Никола Димитров. Во една од последните објави на својот профил на Фејсбук пред десетина дена тој сподели видео од неговото учество при потпишувањето на Договорот (за пријателство, добрососедство и соработка – н.з.). Така што, тоа што македонската страна тврди дека ќе го исполнува треба да се случи и во пракса, а нашите не треба да ја пропуштат оваа можност и да одолговлекуваат. Политичарите доаѓаат и си одат, но географијата останува. Ние остануваме еден до друг“, порачува Нешков во разговор за комерцијалната телевизија БТВ.
„Сметам дека ние треба да го искористиме тој нов момент и да не чекаме една-две години или со месеци за да видиме дали имаат желба (да се решат спорните прашања – н.з.), како што беше досега, туку да почнеме буквално од утре, од следната седмица да настојуваме Комисијата (за историски и образовни прашања – н.з.) да ја продолжи својата работа. Како што Османи тврди дека ќе го поддржи тоа, па дури и се фали дека зборувал со бугарската делегација, такво е видеото на неговиот профил на Фејсбук, да почне да ги исполнува обврските од тој договор“, додава познавачот на македонско-бугарските односи.