Законските измени со кои се налага преименување на бугарските клубови и организации имаат повеќе пропагандна функција и се подложни на тужби, смета бугарското Министерство за надворешни работи.

„Се чини дека практиката на нивната примена во моментов е ранлива на тужби во секој нејзин елемент. Наместо тоа, се чини дека со нивното воведување се бараше некаков пропаганден ефект, а не вистинска правно заснована норма“, оцени Желјаско Радуков, државен експерт од Дирекцијата „Југоисточна Европа“ при Министерството.

Законската обврска за преименување во рок од три месеца на веќе отворените клубови „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид поради поврзаност на двете личности со нацизмот, фашизмот и Третиот рајх, ја оспори и заменик-министерот за надворешни работи Костадин Коџабашев.

„Таквото однесување е само во корист на фактори или трети страни, кои имаат интерес да ја попречат европската интеграција на нашиот сосед“, изјави тој на редовниот брифинг за медиумите.

Според него, постои сериозна загриженост дека со законските измени и како резултат на едностраното толкување на историските факти и личности може да се ограничи правото на здружување.