Бучковски за отворањето клуб на пријателство во Софија: Бараме точки што ќе не’ поврзат

„Се обидуваме со граѓански ангажман да се спротивставиме на говорот на омраза на оние кои го искористија моментот на отворањето на клубот „Ванчо Михајлов“,изјави денеска во „Утрински брифинг“, професорот Владо Бучковски кој потврди дека денеска во 10 часот ќе биде промовиран нов клуб на пријателство меѓу Бугарија и Македонија.

Тоа е неформална мрежа на видни интелектуалци од двете земји кои не се откажуваат од желбата за искрен дијалог во моменти за кои сметаме дека се критични, вели Бучковски, според кој потребен е ангажман на граѓанскиот сектор бидејќи, според него, напорите на политичарите не се доволни.

„Владата на Петков која најави дека ќе работи за иднината, а не за минатото предизвика нервоза во Бугарија. Тој беше изложен на напади и од националистите во Бугарија, но со право ги загуби и симпатиите во Македонија.

Ние бараме точки што можат да нѐ поврзат. Двете земји се охрабрени од ЕУ дека сега е моментот да се постигне договор, но како да се нема расположение. Османи рече дека како да се затвора прозорецот, но не треба така, мора да се работи на приближување“, вели Бучковски.