„…Значи, во договорот се употребува терминот заедничка историја, не го измислувам јас.

Заедничката историска комисија треба токму од таа заедничка историја, преку потенцирање на личности и настани кои не поврзуваат, да го гради патот кон заедничката иднина“, вели специјалниот претставник на македонската Влада за Бугарија, Владо Бучковски во разговорот за РСЕ

Тој вели дека во Договорот за пријателства го има поимот заедничка историја, но не и тоа дека таа е бугарска, како што тврдат дел од бугарските политичари.

„Тоа не стои во договорот. Мислам дека ако правиме анализа што подразбира бугарската страна и што подразбираме ние под заедничка историја, тоа е и каменот на сопнување.

Во овие изминати 12 месеци јас всушност се соочив во бројните формални и неформални контакти дека реално е дека еден од проблемите по потпишувањето на договорот во 2017 година е што почна различно од бугарска и од македонска страна да се толкува поимот заедничка историја.

Второ, мислам дека нереални беа очекувањата од бугарска страна дека брзо и ефикасно ќе ја заврши својата работа оваа заедничка експертска комисија. Мислам дека ако на тоа се дополни од наша страна нашето стравување дека со инстистирањето акцентот во спроведувањето на договорот ќе биде работата на експертската комисија доаѓаме до позицијата во која се соочивме во последните 12-13 месеци по блокадата од бугарска страна.

Бучковски вели дека е потребна нова методологија и дека е оптимист дека „ова што го навестува бугарскиот премиер Петков ќе биде излезното решение како побрзо да ја вратиме меѓусебната доверба, да ја интензивираме соработката и како крајна цел да ставиме послободен простор за заедничката историско-образовна комисија без политички притисок да ја продолжи својата работа“.