Ракометарите на Еурофарм Пелистер го заокружија своето деби на завршните турнири од СЕХА-лигата со победа од 27:23 над Нексе во натпреварот за бронзениот медал во Задар.

По 15:15 во 35. минута, македонскиот вицешампион го засили темпото и во 49. минута ја достигна најголемата предност од 24:19 и успешно го приведе мечот до крајот.

Голманот Урбан Лесјак, кој беше јунак во пенал-серијата против Мешков Брест во четвртфиналето во Битола, одново се покажа клучен играч во составот на Ларс Валтер со своите четири одбранети седмерци во вкупно 12. успешни интервенции.

Усама Хосни се издвои во нападот на битолчани со ефект 6/8, пред капитенот Мирко Радовиќ со 5/6.

Во финалето на фајналфорот од 11. издание на регионалното ракометно натпреварување ќе се сретнат ППД Загреб и Веспрем, од кој Еурофарм Пелистер загуби со 41:27 во полуфиналето.