Брнз: Не е тајна дека јавноста не верува во судството

Истражувањата покажуваат оти само 8 проценти од Mакедонците веруваат во судските органи, изјави денеска американската амбасадорка во змејава Кејт Брнз.

Брнз се повика на неодамнешна анкета на „Еуротинк“ и порача дека е неопходно да се врати довербата кај граѓаните да видат дека системот функционира.

„Не е тајна дека јавноста не верува во судството. Всушност, неодамнешна анкета на ‘Еуротинк’ покажа дека само 8 отсто од граѓаните на Северна Македонија имаат доверба во судството и обвинителството. Очигледно, има многу за работа, вклучувајќи судски реформи и зајакнување на институциите, но исто така треба да се адресираат и перцепциите – луѓето треба да видат и да почувствуваат дека системот функционира.

Граѓаните мора да се бидат уверени дека нивните случи ќе бидат сослушани од неутрални и независни судови во разумен рок. Ова е основен принцип во секоја слободна и функционална демократија“, рече Брнз на меѓународната судска конференција „Судска независност низ реформскиот процес – очекувања и реалност“ што се одржува во Скопје.