Британското разузнавање и Министерството за одбрана во најновите извештаи предупредуваат дека војната во Украина влегува во нова фаза, во која жариштето на борбените дејствија ќе се префрли од Донбас на јужниот фронт, на потегот околу реката Дњепар во регионите Херсон и Запорожје, пренесува Гардијан.

Британското Министерство за одбрана информира дека долги колони на руски камиони, тенкови, артилерија и друго оружје се прераспоредуваат од Донбас кон југозапад. Руско оружје и војници се придвижуваат и од правецот на окупираните украински градови Мариупол, Мелитопол и Бердијанск, како и од Русија преку Крим во јужните делови на Украина.

Британското разузнавање во својот извештај наведува дека новата фаза од војната ќе значи жестоки борби на фронтот во должина од 350 километри, на потегот од Запорожје до Херсон и Црното море на југот по крајбрежјето на реката Дњепар.

Во прилог на предвидувањето дека ќе следат жестоки борби на југот на Украина веќе подолго време покажува и активната контраофанзива на украинските сили во регионот Херсон. Тие гаѓаат по мостовите, патиштата и железничката инфраструктура, во обид да ги прекинат линиите на снабдување на руската војска западно од реката Дњепар. Укринформ информира дека во најновиот напад е погоден и оштетен Даривскиот мост на реката Инхулец. Станува збор за еден од двата преостанати патни врски за снабдување кои руската војска ги користи во окупацијата на Херсон.

Во меѓувреме, продолжило гранатирањето на населени места во изминатово деноноќие. Во регионот Днипропетровск, најмногу руски ракети паднале во градот Никопол, каде се повредени тројца цивили. Од ракетирањето биле погодени 11 станбени згради, 40 куќи, градинка и детски креативен центар, пренесува Укринформ.

Најмалку две лица се потешко повредени при синоќешното гранатирање на пристанишниот град Миколаив. Еден цивил загина, а 21 лице се повредени во вчерашното руско гранатирање на овој град на југот на Украина, јавува Укринформ. Ракетирања се забележани и во регионите Запорожје, Харкив и Донецк во изминатово деноноќие.

Во регионот Запорожје, руските сили ја погодиле индустриската зона во градот Степнохирск, што довело до прекин на електричната енергија во целиот град. Руската и украинската страна меѓусебно се обвинуваат и за трите ракети кои биле истрелани во близина на нуклеарниот реактор на нуклеарната електрана во Запорожје, која е најголема во Европа. Руските сили ја обвинија Украина дека на среќа е избегната несреќа во реакторот, додека украинската компанија „Енергоатом“ ги обвини руските сили за истреланите ракети во близина на реакторот, пишува Гардијан.