Годишната миграција во Британија достигна рекордно високо ниво од 606.000 минатата година, пренесува Ројтерс.
Зголемувањето се должи на приливот на државјани кои не се членки на ЕУ, вклучително и бегалци според визната шема на владата на Обединетото Кралство за Украина и луѓе кои мигрираат заради работа и образование, соопшти Канцеларијата за национална статистика.
Високите нивоа на легална миграција долго време беа водечко прашање во политичкиот дискурс во Обединетото Кралство, а ова прашање беше еден од главните двигатели на референдумот за Брегзит во 2016 година.
Повеќе од една деценија, неколку влади предводени од конзервативците ветија дека ќе ја намалат миграцијата, таргетирајќи нето бројка од помалку од 100.000.
Сепак, бројките на Канцеларијата за национална статистика покажуваат дека до крајот на декември 2022 година, вкупно 606.000 луѓе пристигнале во земјата за годината.
„Главните причини за овој раст се луѓето кои доаѓаат во ОК од земји надвор од ЕУ за работа, студирање и хуманитарни цели, вклучително и пристигнувања од Украина и Хонг Конг“, рече Џеј Линдап, директор на Центарот за меѓународна миграција во Канцеларијата за Национална статистика.
Тој рече дека има докази дека имиграцијата е забавена во последните месеци.
Претходните бројки што ја покриваа годината што завршува до јуни 2022 година објавија нето бројка од 504.000, која подоцна беше ревидирана нагоре – исто така на 606.000 луѓе.
Нето миграцијата во Британија во 2015 година, годината пред референдумот, изнесуваше 329.000.
Премиерот Риши Сунак вети дека ќе ја намали легалната миграција откако десетици илјади луѓе пристигнаа во земјата минувајќи го Ла Манш со брод во последниве години.
Поранешниот британски премиер Борис Џонсон постигна договор да испрати десетици илјади мигранти, од кои многу патувале од Авганистан, Сирија или други земји зафатени од војна, во африканската земја Руанда.
Сепак, оваа одлука беше оспорена пред судот, откако првиот закажан лет за депортација беше блокиран со налог во последен момент издаден од Европскиот суд за човекови права.
