Бришење зборови од Толковниот речник е упад во македонскиот јазик – пишува Свето Тоевски

Бришењето зборови од „Толковниот речник на македонскиот јазик“ е недозволив упад во македонскиот јазик и предизборно додворување кон ромскиот етникум.

Бришењето зборови од „Толковниот речник на македонскиот јазик“ е духовно злосторство врз македонскиот народ и македонскиот јазик, поправо тие и не може ни да бидат избришани, оти зборовите се вткаени во индивидуалното и колективното национално помнење на секој Македонец и на македонскиот народ во целина, тие не можат со електронско „делете“ да бидат отстранети од нашите умови.

Зборовите „циганштилак“ и другите од овој зборовен корен во никој случај не одразуваат негативен став, негативна етничка стереотипија кон Ромите, туку тие како такви задобиле само метафорична употреба.

Убеден сум дека мнозина Македонци, како и јас, Ромите ги сметаат токму како Роми, како она што им значи нивниот збор „Роми“ – „луѓе“.

А ова посегање по македонската лексика не е ништо друго туку само обид за печалење предизборни поени кај ромското гласачко тело од општина Шуто Оризари и од другите краишта на Македонија спроти претстојните локални и евентуални предвремени парламентарни избори. Претседателот на ромската партија што прв пред два – три дена „жестоко“ реагираше против „етничките навреди“ со посочените зборови веќе е означен како „ромски патриот“ од неговите сонародници.

Владата која веднаш нареди бришење на „навредливите зборови“ исто така се вклучи во зборовното „антитолковно“ реагирање, оти и таа и оние што ја водат сфаќаат дека и секој ромски глас како поддршка е добредојден.

Мое прашање до оние што реагираа: дали сега да очекуваме дека ќе реагирате и кај Владата на Германија, кај канцеларката Меркел, во националниот Институт за германски јазик во Берлин, бидејќи и во германскиот јазик постои збор „Zigeuner“, за кој е означено: „Angehörige[r] des Volkes der Sinti und Roma“ – припадници на народот Синти и Рома!?

Дали ќе се осмелите и на ваков чекор, или сте смели само кога станува збор за македонскиот јазик!?

Барам Институтот за македонски јазик веднаш да ги врати „инкриминираните“ зборови назад во „Толковникот“ и никогаш никому да не му текне повторно да гиба врз нашата „единствена комплетна татковина“ – јазикот и неговата лексика, во која никогаш немало чувства на омраза, навредувања и поигрувања со националните чувства на самопочитта на Ромите.

Свето Тоевски е докторанд по лингвистика и самостоен научен истражувач во македонистиката и лингвистиката, со 30 научни конференции и 22 објавени научни трудови