Брисел загрижен што Кина „флертува“ со Русија

Лидерите на Европската унија имаат „многу сигурни докази“ дека Кина разгледува испраќање воена помош за Русија, изјавило високо официјално лице на ЕУ за влијателниот портал „Политико“, истакнувајќи дека Брисел подготвува „трговски мерки“ ако дојде до тоа.

Слично предупредување пред некој ден Кинезите добија и од САД, потсетува порталот.

„Загрижени сме поради фактот дека Кина ‘флертува’ со Русите“, изјавил изворот на „Политико“ од Унијата, кој сакал да остане анонимен, додавајќи дека „сите лидери се многу свесни што се случува“.

ЕУ „ќе ѝ наметне трговски бариери на Кина“ ако таа им излезе во пресрет на барањата на Москва, бидејќи „тоа е единствениот речник што го разбира Пекинг“, оценува изворот.

За 1 април е закажан самитот „ЕУ – Кина“, на кој би требало да учествува и кинескиот претседал Си Џинпинг.