Елиф Елмас имаше директен удел во триумфот на Наполи над Јувентус од 1:0, само трет во Торино во последните 30 години, со брилијантната асистенција за голот на Џакомо Распадори во третата минута од судиското надополнување на времето.

Репрезентативецот на Македонија оддесно испрати идеален центаршут за прецизен волеј на единствениот стрелец на мечот, кој влезе во игра во 86. минута. Совршена соработка на двете резерви на оваа средба на лидерот во Серија А, за кој Елмас заигра од 68. минута на местото на Ирвинг Лозано.


За 23-годишниот македонски играч за врска ова е трета асистенција сезонава во најсилната италијанска лига, во која Наполи сега има 17 бода повеќе од второпласираниот Лацио, а до крајот има уште седум кола.