Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва планира следната година да ја посети Русија за да учествува на тамошниот самит на БРИКС, пренесе „Ројтерс“, цитирајќи ја неговата изјава за индиската телевизија „Фирстпост“.
Лула смета и на возвратна посета на рускиот претседател Владимир Путин на самитот на Г-20 во Бразил.
Индија официјално му го предаде претседавањето со Г20 на Бразил за време на церемонијата на затворање на самитот во Њу Делхи.
„Самитот на БРИКС во Русија следната година ќе му претходи на самитот на Г20 во Бразил, јас ќе одам на самитот на БРИКС“, рече тој.
„Се надевам дека сите ќе дојдат на состанокот на Г-20 во Бразил“, додаде тој. Путин може без грижи да го посети Бразил, убеден е Лула да Силва.
На забелешката дека Бразил е член на Меѓународниот кривичен суд, Лула нагласи:
„Сè додека јас сум претседател на Бразил, тој нема да биде уапсен. Никој во Бразил не може да биде уапсен без овластување од властите“.
Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Путин во март.
