„Имаше директно пукање со огнено оружје, фрлање шишиња со гас. Но, и воени гранати беа користени од организирани криминални групи на северот на Косово, за да се нападнат припадниците на полицијата и на царината на Косово, како и новинарите со цел да бидат спречувани во вршењето на нивните задачи.“ – објави весникот на албански јазик „Бота сот“ во својата информација под наслов „Дознајте се што се случи во текот на акцијата на полицијата на северот на Косово – имаше и испукување на гранати“.

„Имаше напнатост по операцијата на полицијата и царината на Косово против криумчарењето, која беше реализирана во четири региони: Приштина, Пеќ, Јужна и Северна Митровица. Но, во Северна Митровица ситуацијата беше многу напната и таму 10 полицајци беа нападнати. Србите поставија барикади, за да и се спротивстават на операцијата на косовската полиција. Тие ги напаѓаа полицајците со камења и палеа возила, за кои се известува дека имале косовски регистерски таблички. По блокирањето на патот кај Рудар, кај Звечане, денес беа видени камиони и на средината на запрениот за сообраќај коловоз на патот Митровица – Зубин Поток.“


„Во врска со ситуацијата настаната на северот на Косово се огласи и НАТО. Од НАТО велат дека полицијата реализирала операција за спроведување на законот.“

„Повеќе од 20 новинари се нападнати при известувањето додека ситуацијата беше напната на северот на земјата. Според информациите што ги има Асоцијацијата на новинарите на Косово, ‘ниеден од новинарите немал повреди, но притисокот што им бил вршен е неприфатлив’. Ова е изјава на претседателот на оваа асоцијација Џемајл Реџа, кој кажа: ‘Повеќе од 20 новинари беа цел на напади на учесниците во локалните протести, додека известуваа од ‘Населбата на Бошњаците’ по поставувањето на барикадите од локалните Срби. Новинарите беа нападнати со разни средства од Србите.“

„Во врска со ова реагираа и од Европската федерација на новинарите. Амбасадорот на Германија во Косово Јорн Рохде реагираше во врска со нападите и притисокот врз новинарите, кои известуваа за настаните на северот на земјата. На твитер тој напиша: ‘Вознемирен сум поради известувањата за притисок и напади врз новинарите. Многу е важно тие да ја вршат својата работа. Насилството е неприфатливо и тоа треба да се истражи“ – објави „Бота сот“.

Извор: https://www.botasot.info/aktuale-lajme/1685135/mesoni-gjithcka-qe-ndodhi-gjate-aksionit-te-policise-ne-veri-te-kosoves-pati-gjuajtje-edhe-te-granatave/