Бошњачко здружение објаснува зошто Мухиќ и Рамчиловиќ гласаа „за“

Здружение за обединети Бошњаци „Аваз“ од Македонија објаснува дека пратениците Ферид Мухиќ од владината коалиција и Зеќир Рамчиловиќ од опозициската гласале за уставни промени во желба земјата што побргу да се интегрира во НАТО и во Европска унија.

Според Здружението, Македонија се наоѓа во многу тешка ситуација, а секое враќање назад би предизвикало далекусежни штетни последици за државата и за нејзините граѓани.

„Поради тоа, дел од пратениците на опозицијата донесоа тешка одлука да гласаат за отворање на процесот за уставни промени, но со одредени барања и услови“, стои во соопштението за кое пишува порталот „Слободна Босна“ под наслов „Бошњаците ја водат Македонија во евроатлантските интеграции“.

„Аваз“ ја поддржува ваквата одлука и смета дека предлозите се добра основа за постигнување заеднички прифатливо решение со кое ќе се обезбеди национално помирување и ќе се интензивира процесот на интеграција на Република Македонија во ЕУ и во НАТО.