Бугарскиот премиер во заминување Бојко Борисов на својот Фејсбук профил објави дека се откажува од пратеничко место во новиот состав на бугарскиот Парламент.

Тој со изјава ја запознал и Централната изборна комисија.

Според Борисов, тој и неговата партија ГЕРБ победи на изборите во 24 од 31 региона, а неговите политички противници во еден, два или три.

Борисов беше премиер на Бугарија од 2017 година, претходно ја извршуваше таа улога од 2009 до 2013 година и од 2014 до 2017 година, што го прави бугарски премиер со најдолг стаж досега.

Претходно, Борисов беше избран за градоначалник на Софија во 2004 година. Во декември 2005 година, тој ја основаше конзервативната политичка партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), и беше главен кандидат на општите избори во 2009 година.

Борисов ја предводеше ГЕРБ до огромна победа во 2009 година, победувајќи ја актуелната Социјалистичка партија и поднесе оставка од функцијата градоначалник на Софија за да положи заклетва како премиер.