Борисов го повика Трифонов да состави влада – ќе му позајми 10 пратеници

Лидерот на победничката партија ГЕРБ на парламентарните избори, Бојко Борисов, се понуди со 10 пратеници да го поддржи Слави Трифонов, лидерот на “Има таков народ“ – втората партија со најмногу гласови – да состави влада.

„Колегата политичар Слави Трифонов нека превземе одговорност. Најколегијално го замолувам да започне да работи на состав на Влада. За да имаме стабилност, подготвени сме да дадеме 10 пратеници кои ќе ја поддржуваат владата на Слави Трифонов, рече Борисов според кој најважно е земјата да добие стабилна влада, без разлика кој ќе ја раководи.

Како прва партија што победи на изборите, ГЕРБ ќе добие мандат и ќе предложи формирање влада. „Ние нема да предложиме, тие нема да го поддржат“, вели Борисов како што пренесува News.bg.

Партијата „Има таков народ“ на Трифонов е на второто место по бројот на освоени пратеници во бугарскиот парламент, но засега од таму нема информации дали се почнати некакви преговори за обезбедување на парламентарно мнозинство.

Борисов, кој се пофали дека неговата ГЕРБ по петти пат е победник на парламентарни и дури 14 пати на избори веднаш по изборите предложи формирање експертска влада, не прифаќа да се распишат нови избори, бидејќи нема логика да се трошат пари и време кога пандемијата не стивнува.

„…Постои прекрасна можност за парламент со многу стабилно мнозинство. Во моментов опозицијата може да обезбедат 200 гласа. Ако не го сторат тоа, тоа значи дека сакаат да ја фрлат земјата во хаос“ оцени Борисов.